Преработка на „Рапсодија за Скопје“ на маестро Александар Џамбазов

Маестро Александар Џамбазов е еден од ретките наши композитори чиишто дела доживуваат преработки и од страна на академските музичари и од страна на рокерите. На пример детската песна „Песна за Скопје“ е преработена од Тотално Опуштање, темата за серијата „Едно лето“ од Суперхикс, „Насмевка пред зорите“ за глас и пијано е преработена во соло пијано верзија од Дино Имери. А, најновата преработка е посветена на едно од најдобрите и најважните дела на маестро Џамбазов –„Рапсодија за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар, дело добитник на светска награда на интернационалниот конкурс посветен на симфониска џез-музика (Concorso Internazionale di Musica Ritmo-Sinfonica) во Кава де Тирени во 1966 година. „Рапсодијата за Скопје“ е изведена на интернационални сцени во Канада, Белгија, Финска, Италија. Исто така, Рапсодијата е инспирација за режисерот Димитрие Османли да го реализира филмот „Мементо“ кој е единствениот македонски игран филм создаден или инспиран од одредено музичко дело.

Преработката за две пијана на Рапсодијата ја направи пијанистката Лиле Анастасова. Истата беше премиерно изведена на рециталот насловен „Рапсодија за Скопје“ на пијано дуото Јасмина Трајческа и Лиле Анастасоваодржан на 7.12.2017 година во Концертната сала на ФМУ во Скопје. Пијано дуото делува веќе една година и има реализирано неколку концерти низ Македонија. Приказната за Рапсодијата кај Лиле Анастасова започнува уште во средношколските денови кога како наградена учесничка на Државен натпревар за пијано ја добива партитурата од „Рапсодијата за Скопје“. После повеќе години во фаза кога го создаваат репертоарот за дуото, Трајческа и Анастасова имаат за цел да креираат интересен репертоар кој не е толку често изведуван на нашите концертни подиуми. Во овој контекст се споменува и Рапсодијата која претставува предизвик за работа и за креација на дуото Трајческа и Анастасова. 

Процесот на преработка кај Анастасова има две фази посветени на: хармонска анализа и на прилагодување на главните теми на можностите на пијаното од  интерпретациски аспект. Истовремено целта на новата верзија за две пијана е да прикаже баланс помеѓу неколкуте впечатливи теми на оригиналот кои се движат меѓу класичната и џез музика. Преработката на Рапсодијата за две пијана, претставува важен нов материјал кој ќе може да се користи и од новата генерација на млади пијанисти со што ќе имаат можност да се запознаат со дел од современото македонско творештво посветено на симфонискиот-џез. 

Јулијана Жабева-Папазова