Концерт на ансамблот за современа музика „КонТемпора“ во Њујорк

Оваа сабота (21 октомври) во културниот центар Gallery MC во Њујорк концерт ќе одржи Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. Програмата на концертот е целосно посветена на македонското музичко творештво, а на неа ќе прозвучат делата Дувачки квинтет на композиторот Љубомир Бранѓолица, „Хумореска“ од Александар Џамбазов, „М..С..А..“ на Стојан Стојков, Четири пиеси од Вулнет Таири, „Темно сонце“ на Валентина Велковска-Трајановска, како и композицијата „Нусбарокна суита“ од Вања Николовски-Ѓумар. На концертот гости ќе бидат членовите на светски реномираниот гудачки квартет МИВОС, на кои свечено ќе им биде врачена наградата „Георги Божиков“, која составот ја доби на годинашните „Денови на македонска музика“, за најуспешни изведби на дела од македонски автори во минатата година. Концертот е дел од активностите на СОКОМ за празнувањето на 70-годишниот јубилеј на Асоцијацијата.

Ансамблот „КонТемпора“ за оваа прилика ќе настапи во состав: Катерина Бачевска - флејта, Владимир Лазаревски - обоа, Игор Иванов - кларинет, Горан Јанев - хорна и Марјан Милошевски - фагот.

Формирањето на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ во 2014 година се наметна како повеќе од добредојден чекор за раздвижување на македонската културна сцена, за отворање на видиците кон нови, поинакви културни вредности. Од своето формирање пред неполни три години до денес, ансамблот „КонТемпора“ ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Ансамблот брои дваесет инструменталисти со значително искуство во изведбата на современа музика, и во зависност од репертоарот делува во различни инструментални формации. Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ECSA) во Скопје. Во изминатите три години, составот оствари турнеи во Холандија, Белгија, Австрија, Словенија, Албанија, Бугарија и имаше бројни концерти и настапи на речиси сите значајни фестивали низ Македонија („Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“), секаде свирејќи со интензитет, желба и посветеност на современото творештво и индивидуални творечки естетики. „КонТемпора“ во досегашното постоење има снимено повеќе новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија и други земји, а на својот репертоар претстави речиси 60 премиерни дела на автори од Македонија, САД, Италија, Индонезија, Унгарија Велика Британија, но и композиции од музичката литература на 20-тиот век. Ансамблот „КонТемпора“ има реализирано и два компакт диска со дела од македонски автори.