Socom

  • Increase font size
  • Default font size
  • Decrease font size

Формиран камерниот ансамбл на СОКОМ

Сојузот композиторите на Македонија (СОКОМ) го формираше составот на камерниот ансамбл за современа музика со 20 музички уметници. На отворениот повик на Сојузот на композиторите на Македонија за пријавување на музички уметници да земат учество во формирањето на камерниот ансамбл на СОКОМ пристигнаа 65 пријави.


Повеќе...

Никола Коџабашија номиниран за престижната награда C.A.T.S.

Композиторот Никола Коџабашија е номиниран за најпрестижната сценска награда во Шкотска, признанието C.A.T.S. Critics Awards for Theatre in Scotland за 2013/2014 година. Коџабашија е номиниран во категоријата „најдобра музика и звук“ за театарската продукција на драмата „Злосторство и казна“, која беше поставена во Citizens Theatre во Глазгов. Продукцијата на „Злосторство и казна“ е номинирана уште во пет категории и тоа за најдобра режија, најдобра продукција, главна машка улога, најдобар театарски ансамбл и најдобра техничка презентација.

Ова е втора ваква номинација за Коџабашија по номинацијата за претставата „Трите мускетари и принцот од Шпанија“ одиграна во сезоната 2010/2011. 

На следниот линк може да ги погледнете номинациите во сите категории. 


Повик за кандидирање на Претседател на СОКОМ

Дo

СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СОКОМ

ПРЕДМЕТ: Повик за кандидирање за Претседател на СОКОМ

Врз основа на Член 16 од Статутот на СОКОМ се отпочнува постапка за избор на Претседател на СОКОМ


Повеќе...

Изведба на „Сонце’ на Валентина Велковска - Трајановска на концерт посветен на Филип Глас во Париз

Овој четврток (11 април), во Музејот на современа уметност „Палата на Токио“ во Париз, Франција, реномираниот француски пијанист Николас Хорват ќе направи голем уметнички подвиг, имено во иста вечер ќе ги изведе сите дела за пијано на великанот на музичкиот минимализам, композиторот Филип Глас. Покрај нив, програмата на Хорват ќе вклучи и 92 дела од композитори од над 30 земји од светот, композиции омажи на творештвото на Глас, меѓу кои ќе се најде и делото „Сонце“ на македонската композиторка Валентина Велковска – Трајановска. Маратонскиот рецитал ќе трае точно седум часа.


Повеќе...

Започнува мини-фестивалот на медиумски уметности „Звучна имерзија“

Во рамки на „Деновите на македонска музика“, вечерва во 18 часот, во Музејот на македонската борба со делото „Елеорп 76“ на македонскиот композитор Драгослав Ортаков ќе биде отворен мини-фестивалот на електроакустична музика „Звучна имерзија“ .

Како што ќе каже музикологот Тина Иванова, „Елеорп 76“ е првата македонска електронска композиција која ја создал композиторот, музиколог и професор Драгослав Ортаков. Во 1971 година, на идеја на српскиот композитор Владан Радовановиќ, во Белград, при Третата програма на Радио Белград, се отвора првото електронско студио на овие простори. Радовановиќ во студиото ќе соработува со англискиот физичар и музичар Пол Пињон, а од таа соработка ќе настане и синтисајзерот наречен „Синти 100“, во тоа време еден од најмоќните апарати што го набавиле и другите центри во Европа. Токму првата македонска композиција „Елеорп 76“ ќе се роди во студиото во Белград, а е сместена на првата грамофонска плоча издадена за Радио-телевизија Белград во 1978 година. Композиторот Ортаков престојувал во главниот југословенски град од 1 до 20 јуни во 1976 година, односно добил покана да се запознае со техниката на тоа студио за електронска музика и со начинот на компонирање на ваков вид на музика. Името „Елеорп“ значи „Електронска етида“.


Повеќе...

Најновите дострели на македонската композиторска мисла по 37. пат на „Деновите на македонска музика“

 

Дојрана Прокопиева

Со концертот насловен “Concertissimo“ овој четврток во Салонот на Македонската опера и балет со почеток во 20 часот свечено ќе бидат отворени 37. „Денови на македонска музика“. Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Томас Херцог од Швајцарија ќе изведе четири концерти за пијано и оркестар од македонски композитори, а како солисти ќе настапат врвни уметници на пијаното од различни генерации. Публиката ќе има можност да ги чуе „Рапсодијата за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар на Александар Џамбазов со младиот солист Дино Имери, Концертот за пијано и симфониски оркестар на Гоце Коларовски, каде како солист ќе се претстави Елена Мисиркова, додека своја праизведба ќе доживеат Концертот за пијано и симфониски оркестар на Фатос Љумани, каде солистичката делница му е доверена на Шкељзен Бафтијари и Концертот за пијано и симфониски оркестар на Панде Шахов, во чијашто изведба ќе ја чуеме Хајди Елзесер.


Повеќе...

Од страниците на творештвото на Томислав Зографски (1934-2000)

Вечерва со почеток во 19 часот во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе се одржи авторски концерт на композиторот Томислав Зографски, во чест на 80-годишнината од неговото раѓање. Студентите од вокално-инструменталниот оддел и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентско водство на професор Велко Тодевски ќе го чествуваат јубилејот на авторот и професор на оваа високо образовна институција преку изведба на избрани дела од неговиот богат и разновиден опус.


Повеќе...

Повик за учество на „Струшка музичка есен 2014“

Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ упатува повик за учество на 39. меѓународна манифестација „Струшка музичка есен“, која ќе се одржи во периодот од 12 до 14 септември во хотелот Бисер во Струга. Безмалку четири децении, „Струшка музичка есен“ нуди можност за средби, размени на идеи и дебати на актуелни теми кои ја преокупираат македонската музичка јавност. Оваа година, генералната тема на конференцијата е МУЗИКА И ОБРАЗОВАНИЕ.


Повеќе...

Време е за слушање! - концерт на македонски и руски композитори

На 28. март во Големата сала на Уралскиот музички колеџ ќе се одржи концерт на солистите на Ансамблот за нова музика при Свердловската Филхармонија. Проектот насловен „Време е за слушање!“ опфаќа музика на македонски и руски композитори, а централното место на програмата е посветено на творештвото на истакнатиот македонски музички деец, композитор, диригент и педагог Гоце Коларовски, кој ги обединува двете традиции.


Повеќе...

Мини-фестивал на електроакустика првпат на „Денови...“

Во рамки на програмата на ДММ, на 5 и 6 април првпат ќе се одржи и мини-фестивал „Соник имершнс“, посветен на електроакустичната музика, на кој ќе прозвучат најновите дела од водечки светски композитори, а премиерно ќе бидат изведени и дела напишани во овој жанр од домашни автори

Прв пат ќе бидат изведени и дела напишани во овој жанр од македонски автори

Во пресрет на манифестацијата

Со изведба на четири клавирски концерти од Александар Џамбазов, Гоце Коларовски, Панде Шахов и од Фатос Лумани на 3 април ќе се отвори 37. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија. Три од четирите клавирски концерти ќе имаат праизведба, досега е изведен само Концертот за пијано и оркестар од Гоце Коларовски. Концертот се реализира заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, а ќе диригира Томас Херцог од Швајцарија. Како солисти ќе настапат Дино Имери, Елена Мисиркова, Хајди Елзесер и Шкељзен Бафтиари.


Повеќе...

Канческа-Милевска: Со нови проекти до унапредување на музичката култура

Во просториите на Сојузот на композиторите на Македонија, вчера се оствари неформална средба меѓу композиторите, музиколозите и министерката за култура

Тина Иванова

Идејата да се востанови манифестацијата „Виртуози“, стимулацијата за поддршка на класичната музика, зголемената соработка меѓу Сојузот на композиторите на Македонија и двете национални музички институции, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, беа дел од позитивните нешта што денеска беа истакнати на неформалната средба меѓу композиторите и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Во просториите на СОКОМ, неколку претставници, членови на Сојузот, композитори и музиколози, имаа можност да остварат средба со министерката за култура, со цел да се истакнат и проблемите со кои се соочува македонската музичка култура.

Повеќе...

Можам да придонесам во развојот на музичката сцена

„Лесно е да се критикува и да се најде мана речиси во се', но потешко е да се најде решение“, вели музичкиот истражувач и композитор Роберт Саздов

Тина Иванова

Музичкиот истражувач, композитор, продуцент, искусниот педагог во областа на музичката технологија, а особено во сферата на електроакустичната музика, професор на видни универзитети во Австралија и Ирска, Роберт Саздов (1969), реши да се пресели во Македонија, од каде што му се и корените, и да го сподели своето богато искуство на нашата музичка сцена. Вечерва во Германија ќе се одржи и негов авторски концерт, а тој зборува и за предизвиците и за развојот на електроакустичната музика во Македонија.


Повеќе...

Концерт на Роберт Саздов во Германија

На Втората конференција за просторно аудио која ќе се одржи oд 21 до 23 февруари во Фаунхофер институтот во Ерланген (Германија), со авторски концерт ќе се претстави д-р Роберт Саздов. Саздов е поканет од Германската асоцијација на тон мајстори, која е организатор на оваа врвна конференција за мултиканално и аудио истражување, ја предводат научници од Европа и Северна Америка. Саздов ќе претстави свои електроакустични композиции создадени за време на неговата резиденција во Детмолд.
Повеќе...

Праизведба на „Недовршена рапсодија“ на Зографски со Македонската филхармонија

Вечерва со почеток во 20 часот, во новата зграда на Македонскиот народен театар, во својот редовен термин Македонската филхармонија ќе одржи концерт на кој под диригентско водство на маестро Борјан Цанев премиерно ќе прозвучи делото „Недовршена рапсодија“ на композиторот Томислав Зографски (1934-2000). Делото било нарачка на Македонската филхармонија по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј од нејзиното основање, во 1994 година, меѓутоа до сега не е изведено. Композицијата припаѓа на последниот период во творештвото на авторот, каде припаѓаат и композициите „Балада“ оп.141, „Интрада“ оп.134, „Најдолгиот пат“ оп.145 и „Кончерто гросо“ оп.139.


Повеќе...

Второто издание на „Виртуози“ со креативна музичка програма

 

„Постапката за доделување на ’Виртуози‘ е дизајнирана да биде максимално објективна“, вели претседателот на СОКОМ, Сони Петровски

Второто издание на манифестацијата „Виртуози“, на која се доделуваат признанија за достигнувања во областа на класичната музичка уметност, ќе се одржи на 7 март во новата зграда на Македонскиот народен театар. Организаторот, Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), ќе додели награди во девет категории - музички организатор, камерен ансамбл, музички публицист, млад музички уметник, музички настан, музичко - сценски уметник, композитор, меѓународна афирмација и музички изведувач на годината.


Повеќе...

Обичаите, песните и ората добиваат комерциjален лик

Нематеријалното културно наследство е најкревко, а македонските етномузиколози алармираат дека не смее повеќе да се чека за да биде заштитено, бидејќи со секој минат миг тоа неповратно исчезнува. Државата на сметка на овој значаен сегмент од нашата традиција го фаворизира движното, материјално наследство

Многу од обичаите не се практикуваат во изворната форма и се сведени на спектакл

НЕМАТЕРИЈАЛНОТО НАСЛЕДСТВО Е НЕЗАШТИТЕНА ОБЛАСТ 

Државата не обрнува доволно внимание на заштитата на нематеријалното културно наследство и на сметка на овој значаен сегмент од нашата традиција го фаворизира движното, материјално наследство. Токму ова наследство е најкревко, а македонските етномузиколози алармираат дека не смее повеќе да се чека за да биде заштитено, бидејќи со секој минат миг тоа неповратно исчезнува. Нашата приказна се крие во нематеријалното наследство, во обичаите, песните, ората, тие се најголемите идентификатори на еден народ.

Впишувањето на обичајот „Четр’се“ на листата на нематеријално наследство на УНЕСКО несомнено е голем успех за нашата држава, но исто така е факт дека ова е прво добро што успеало да се впише на оваа репрезентативна листа.


Повеќе...

„Ќе се пробудам ли пак?“ - од страниците на творештвото на Гоце Коларовски

Утревечер (5 февруари) во концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 19 часот, ќе се одржи концерт по повод 55 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски. На концертот насловен „Ќе се пробудам ли пак...“, студенти од класите по пијано, флејта, камерна музика и соло пеење, заедно со камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентската палка на Велко Тодевски, ќе изведат дела од творештвото на Коларовски. Организатор на концертот е Факултетот за музичка уметност, а влезот е слободен.


Повеќе...

Повеќе Артикли...

Лист 1 од 18